ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА МЛАД ФАРМЕР НА ГОДИНАТА

Мрежата на млади фармери (ММФ), с.Мешеишта, општина Дебрца во соработка со општина Св.Николе, со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство на 22.09.2018 година ја одржа манифестацијата ,,Ден на млад фармер во Р. Македонија,, на плоштадот Илинден во Свети Николе.

Настанот го отвори градоначалникот на општина Свети Николе, г-дин Сашо Велковски кој им даде голема поддршка на младите за идни соработки. На манифестацијата присуствуваше и министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, г-дин Љупчо Николовски, кој ја врачи и наградата за најдобар млад фармер на годината на Марио Петрев од с. Амзабегово.

Мрежата на млади фармери ја организира оваа манифестација за да помогне во промоцијата и анимирањето на младите земјоделци преку ваквите јавни настапи и пренесувањето на успешни приказни. На овој начин би се зајакнала свеста кај младите за потребата од нивно останување во руралните средини, наследување и развивање на агробизнисот. Мрежата на млади фармери ќе настојува оваа манифестација да премине во традиција како во овој, така и во другите региони од Р. Македонија.

Настанот изобилуваше со различни активности кои ги презентираат традициите и карактеристиките на руралното живеење во повеќе региони во Р.Македонија, преку презентација на народниот мелос и традиционалната храна.

Елеонора Велјаноска-Пероска – координатор на Мрежа на млади фармери-ММФ, с. Мешеишта, Дебрца


Tags: