ПОГОЛЕМО ВЛОЖУВАЊЕ ВО ОПЛЕМЕНУВАЊЕ НА РУРАЛНИТЕ СРЕДИНИ ЗА НАМАЛЕНА МИГРАЦИЈА НА МЛАДИТЕ ВО УРБАНИТЕ СРЕДИНИ

Мрежата на млади фармери (ММФ) ја реализира четвртата обука со младите од гостиварско на тема “Застапување на младите во руралните средини” во рамките на Проектот: „Младите од руралните средини – релевантни учесници во процесот на донесување јавни одлуки и креирање на одржливи земјоделски политики“ финансиран од Европската Унија, преку Фондација Преда Плус во рамките на проектот: „Подобрување на активната вклученост на македонските граѓански организации во процесот на донесување на одлуки преку зајакнување на новоосновани граѓански организации”.

Младите од руралните средини од Гостивар имаа можност да ги запознаат процесите на застапување и лобирање како и можностите за покренување на младински иницијативи. Посебно интересот беше насочен кон можноста за нивно вклучување во креирањето и носењето на одлуки кои се од нивни интерес.

Непостоењето на интерес кај младите за занимавање со земјоделство е проблем кој беше истакнат и на оваа средба, поради ова се апелира да се изнајде решение и да им се даде поголем мотив на младите од руралните средини да се задржат и да се спрече миграцијата. Во оваа насока беше даден предлог да се селектираат најреалните кандидати за програмите, да биде реална селекцијата при АВРМ, ИПАРД, програмата за рурален развој, да се корегираат апликациите и да им се одобрува повеќе механизација, би ги охрабрило младите да имаат поголем интерес за развој во руралните средини.

Размислувањето на присутните е тоа дека младите би се задржале во руралните средини доколку се подобри нивниот квалитет на живот во истите. Тоа значи доколку се подобри инфраструктурата во руралните средини, доколку се издигне културата на повисоко ниво, да има театар, кино, градинки и подобрена едукација на младите, тие нема да имаат голем интерес да се иселат од руралните средини кои се со повисок квалитет на воздух, почва и вода, а со тоа и производство на поквалитетна храна.

Tags: